1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Налог за апсење на исламист по нападот во Дортмунд

ЖА
13 април 2017

По нападот врз фудбалскиот тим на Борусија Дортмунд, издаден е налог за апсење на приведениот осомничен Ирачанец, но не за атентатот, туку поради злосторства кои ги извршил како член на ИД во Ирак.

https://p.dw.com/p/2bB9W
Deutschland Dortmund vor dem Spiel
Фотографија: picture alliance/AP Photo/M. Meissner

Издаден е налог за апсење на Ирачанецот, приведен во рамките на истрагата по бомбашкиот напад врз автобусот на фудбалската екипа Борусија Дортмунд.Но, апсењето не е поради атентатот врз автобусот, туку поради сомневање за членство во терористичката организација Исламска држава, соопшти Сојузното обвинителство од Карлсруе. Според информациите од надлежното обвинителство, досегашната истрага не нашла никакви докази за учество на Абдул Бесет А. во нападот извршен врз фудбалскиот автобус.

Explosion am BVB Bus
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Meissner

Но, 26-годишниот Ирачанец е осомничен дека најдоцна на крајот од 2014. година се приклучил кон радикално-исламистичката треористичка милиција ИД во Ирак. Од расположливите информации произлегува дека тој таму командувал со единица од десет лица. Задачите на неговата единица биле подготовки за киднапирања, уцени и убиства. Осомничениот ќе биде изведен пред истражен судија.

Во вторникот вечерта беше извршен напад врз автобусот на германскиот член на фудбалската Бундеслига, Борусија Дортмунд, со три експлозивни направи. Во нападот беше полесно повреден одбранбениот фудбалер на Борусија, Марк Бартра и уште еден полицаец. Автобусот беше нападнат додека ја превезуваше екипата кон стадионот во Дортмунд, каде што таа требаше да се одигра четвртфиналниот натпревар од Лигата на шампионите против францускиот Монако, натпревар кој се преигра синоќа.